За експлозивната лиричност на Ирена Гапковска, Маја Чанкуловска-Михајловска



За експлозивната лиричност на Ирена Гапковска

Боите, токму како и цртите на лицето, ги следат емоционалните промени
- Пабло Пикасо


Кога се среќаваме со делата на Ирена Гапковска, на прв поглед е сигурно дека таа впечатливо владее со сликар-ските елементи – линија, боја, форма. Тие меѓу себе се силно проникнати, базирајќи се исклучиво врз ликовниот пристап преку кој веднаш се воочува константниот афинитет на авторката кон т.н. „класичен“ приод на
цртежот/сликата. И самата свесна за особеноста на постулатите кои за неа се законитост, уметницата свесно ги развива сите одделно и заедно во комплексни прикази. Во таквите случаи вообичаено се очекува делата да бидат изведени со условна здржаност, но, кај Ирена Гапковска приказите се збогатени и со вроденото чувствување на наведените основни елементи, проширувајќи ги нашите првични претпоставки и изненадувајќи со својата темпераментност.

Комбинирајќи ги смело двете крајности или двата ентитета – реалистичен и апстрактен – атмосферата што ја соз-дава уметницата во делата навлегува во сферата на надреалноста и симболиката. Истовремено, на ниво на реалистични презентации, особено се задржува на човековата фигура и лик кои се од особен интерес и значење за неа, истакнувајќи ја притоа особеноста на класичната хуманистичка европска ликовна едукација и влијанијата на византиската уметничка школа од поднебјето од кое потекнува и врз кое ја гради структурата на својот уникатен ликовен ракопис.

Централен мотив, вообичаено, се метафоричните и иконични фигурални претстави, изведени во согласност со миметичката традиција на реализмот и персонифицирани во идеално човеково најчесто женско, но и машко тело, со стилизирани ликови и понекогаш во прегратка. Една од особеностите на фигуралните претстави кај Гапковска е некористењето модел, додека пренесувањето на анатомските детали на идеалното човеково тело еманира од сигурниот цртеж и искуството, од една страна, и веќе потсвесно примените правила и големото познавање и проучување на анатомијата. Волуменот на телото, пак, е овозможен токму преку играта со формите од класичниот цртеж. Од друга страна, пак, иконичните ликови не ретко со психолошки експресии и различни позиции на телото или во испре-плетените тела се одликуваат со сериозна елегантност и свечен дигнитет; со извесна надземна дистанција наспроти набљудувачот се навлегува во доменот на симболизмот, (ин)директно преземен од ставот на продуховените светители во византиските икони.

По прашањето на композицијата на сликата, Гапковска неа ја развива врз начелата на градење фигуративни иконички слики од кои понатаму изнедруваат слободни линеарно експресивни форми, создавајќи впечаток на фанта-стично опкружување. Композицијата, која не ретко се надоградува околу фигурите, е своевиден пример за апстрак-тен пејзаж што произлегува од асоцијативни, гестуални и слободни форми кои се развиваат и визуелно потсетуваат на пејзаж, односно навестуваат пејзажна атмосфера или амбиент на метафизички градови. Но, споменатата слободна гестуалност понекогаш резултира во дела чие создавање следи извесна обратна логика. Имено, понекогаш од сосе-ма апстрактни елементи (линија, боја или форма), се раѓа фигура или портрет преку слободна интуитивна линеарна „визуелизација“ на формата од линија, флека или момент кој асоцира на лик.

Ако се навратиме на почетокот, цртежот (кој според авторката е „основа на сè“) произлегува од линијата која е брза и динамична, но во исто време мека, лесна и карактеристично брановидна. Од интуитивната динамична врте-на линија изнедруваат мноштво форми кои сугерираат слободно движење и во цртежите се развиваат во лиричен графизам со изразен афинитет кон детализирање и рефлексии на византиската орнаментика. Спонтаната брановидна линија на орнаментите евоцира флорални асоцијации, развиорени крилја или коса, дејствува хипнотички заводливо и
мистично, потсетувајќи на вештите калиграфски арабески и тие се изразени со љубов кон минуциозната обработка на деталите. Во однос на нејзиниот спонтан интерес кон слободната линеарност, може да констатираме матисовски им-пулси на развивање на орнаменталната структура во делото, што во својата основа ја содржи синтезата на ликовните и декоративните уметности како елемент на пиктуралната композиција. И во однос на примената на орнаментот, се чувствуваат симболички рецидиви во однос на неговата историска еволуција која во почетокот била заснована врз синте-за на магиското, симболичното и декоративното, за да добие доминантно декоративна функција. Цртежот е слободен, но исто така и стилизиран во насока на асоцијативни илустративни толкувања со присуство на веќе споменатите разновидни стилски влијанија од кои, меѓу другите, се чувствуваат и референции од големите мајстори на меланхолијата и симболиката како Кирико, Климт, Матис, орнаментиката на арт нуво итн. Предговор

Бојата е додатен ликовен елемент кој исто така ја одразува филозофијата на слободна експресија на Ирена Гапков-ска. Нејзиниот експресивен, сангвиничен и експериментаторски дух доаѓа до израз преку динамичната и смела комбинација
на бои со чија помош гради слоеви, ја гради формата и ја исполнува со детали. Куриозитет во колористичкото восприемање и изразување на овој значаен ликовен елемент е создавањето релација Скопје–Мајами, при што можат да се следат различ-
ните развојни фази од колористички решенија со повоздржани, затворени сини тонови (слободно именувана како „маке-донска фаза“) кон пресвртната фаза во Мајами (од 2010 година), кога преминува кон користење на интензивно силни и смели бои: жолти, црвени, пурпурни, розови. Палетата почнува да „вреска“ похрабро, спонтано, со поинаква светлина, површината на создавањето се одликува со поголема пространост (изведува и внатрешно ѕидно сликарство, мурали) со колорит кој е интензивно ослободување од сигурната боја и произлезен од запознавањето со поинаков менталитет и отворена интеракција со колеги од цел свет со кои твори во близина.

Во таа смисла, а реферирајќи на толкувањата на Шуваковиќ за бојата како ефект, може да се констатира дека ликовниот елемент боја кај оваа уметница е третиран повеќезначно: како својство на изразниот материјал, како средство на симболично, архетипско и митско изразување со симболични индивидуални и субјективни душевни состојби, но и крајно, како декоративен елемент со кој е решен фонот на сликата.

Една од одликите на создавањето на Ирена Гапковска е и нејзината природна наклонетост кон експериментирање со техниките, и, без оглед на материјалот или средствата што ги користи како основа и/или алатка, успева да ги задржи препознатливите белези на сопствениот ликовен јазик. Иако дипломира на графика со дела кои, меѓу другото, содржат и елементи на геометризмот и метафизиката со елементи на уметностите на големите цивилизации кои гравитираат кон Медитеранот (Египет, Грција, Византија...), нејзиниот немирен дух не се ограничува само на оваа првична вокација, туку својата незапирлива љубопитност ја развива и преку варијациите на различни стилови и истражување на можностите на мноштво техники и медиуми. По дипломирањето или т.н. графичка фаза во која ги изучува сите техники (акватинта, сува игла, линорез...) кои ги воведува во студиските експерименти, прави и илустрации за „Нова Македонија“ и за книги во манир на црно-белата фигурација, што е повторно во релација со некои функции на цртежот во традиционалната западноевропска уметност во која ликовното уметничко дело било илустрација или презентација на текст во средновековните манускрипти. Всушност, можеби под тоа влијание, и самата таа понекогаш вметнува текст во своите слики. Во меѓувреме, ги изучува и класичното византиско фрескосликарство и иконопис, и од тогаш па сè до денес не престанува да експериментира и практично да истражува во сите можни различни сликарски и графички техники.

Последните остварувања на Ирена Гапковска може да се согледаат како извесно навраќање на почетоците и обид за прочистување на слоевите. Во нејзината работа, при што делумно заради едукативната дејност со која се занимава, делумно заради потсвесно восприемените и наслоени класични форми на изразување, уметницата им останува доследна на правилата на цртежот сфатен како основа на создавањето. Без форсирање и спојувајќи интуитивност со контемплативност, таа и останува доследна на природата на сопствениот ликовен ракопис кој се одликува со препознатлива конзистентност во делата, инспирирана од традиционалните уметнички вредности и слободната експресија, при што ги зачувува доминантните елементи – линија и фигурација.

Техничката изведба е доминантно изразена преку цртежи создадени во комбинирана техника (туш, лавиран туш, молив, молив во боја), а брзината и сигурноста во изработката остануваат константа. Човековата фигурата и лик се сеприсутни, во меланхоличен и замислен манир, љубовта кон орнаментите и деталите е разиграна во стилизиран цртеж, додека атмосферата добива понагласен лирски призвук преку грст пастелни бои. Апстракцијата и фигурацијата егзистираат заедно во еден препознатлив ракопис и сугестивен шарм на запознавање со непознати светови.

Претставите на Ирена Гапковска ги доживуваме како приказ на соништа, визија, игра, во кои се споени сонот и јавето, односно свесното и несвесното на ниво на фантастичното и надреалното на еден непознат или измислен лирски свет. Спојот на крајности, или речиси алхемиското амалгамско јадро во кое се преплетуваат дијаметрално различни елементи, е веројатно суштината на делата на Ирена Гапковска. Варијациите на подеднакво егзистирање на фигурацијата и апстракцијата формираат шармантни остварувања кои отвораат магични светови на потсвесното, нереалното, метафизичкото. Од впечатливиот преплет на контрастни елементи, ликовните решенија произлегуваат токму од леснотијата на интуитивниот потег или авторефлексивната линија која формира непрекината игра во која е вклопен спојот на фигурални претстави и апстрактни детали. Слободата која ја нуди играта со сите наведени елементи говори во прилог на макар и посакувано бегство од секојдневната стварноста во разни светови на фантазијата каде што до израз доаѓаат емоциите на „радоста на живеењето“.

Маја Чанкуловска-Михајловска, историчар на уметност

Posted in: News

Dec 6, 2017 18:23