Ирена Гапковска биографија



Ирена Гапковска

Родена во Скопје, Република Македонија, во 1970 година, Ирена Гапковска e страстен визуелен уметник и од 1998 година, исто така е основач и претседател на НВО Арт Студио во Скопје.

Гапковска завршила средно уметничко училиште во Скопје, Македонија, во 1988 година. Во 1995 година ги завршила магистерските студии по графичка уметност на Академијата за ликовна уметност при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, со магистерската теза „Симболизмот во уметноста“. Од 2001 до 2003 студирала античка византиска техника на живописот и иконописот, кој таа го научила во Вељушкиот манастир, во близина на Струмица, Македонија.

Гапковска работела како графички дизајнер за весникот „Елена“ и списанието „Нова Македонија“, и се здобила со Националната награда за најдобра уметничка илустрација во 1997 година. Таа, исто така предавала уметност на престижното музичко и уметничко училиште Кончертино (Koncertino) и во 1998 година станала ликовен ментор во Одделот за визуелни уметности во Kултурно-информативниот центар во Скопје.

Во 1998 година Гапковска го основала НВО Арт Студио, невладино (непрофитно) отворено студио за уметност во Скопје. Таа работела со голем ентузијазам и посветеност на промоција на македонската култура и ликовната уметност, од периоди на најраните векови па сè до современата уметничка сцена.

Иако строго аполитична, од 2006 до 2008 година Гапковска била координатор за проекти во Министерството за култура на Република Македонија, каде координирала театарски и проекти на визуелните уметности, вклучувајќи ја и европската премиера на операта „Заробувањето на Јунис Вилијамс“ при Албанскиот народен театар и „Алтернатива“, првото албанско независно списание за култура.

Додека била студент, Гапковска учествувала во неколку групни изложби во Скопје, Битола, Штип и Охрид. Во февруари 2007 година, во организација на Гапковска се одржала важна изложба „Ars Vivendi“ (Уметност на живеењето) во Националната галерија на Македонија - објект Мала Станица. Меѓународните изложби на Гапковска ги вклучуваат и тие одржани во Ајндховен (Eindhoven) во 2004 година; Реусел (Reusel) во 2006 година; Јан де Бувриес Тилбург (Jan de Bouvries Tilburg) во 2006 година (сите во Холандија) и галеријата Шангри-Ла во Хјустон, Тексас, во 2008 година.

Во февруари 2010 година таа ја организирала изложбата „Ars vs. Argumentum“ во КИЦ во Скопје, изложба по повод остварената соработка помеѓу НВО Арт Студио на Гапковска и Уметничкиот комплекс Бејкхаус (Bakehouse) во Мајами, Флорида. Во 2011 година, Гапковска ја имала својата прва самостојна изложба во Јужна Флорида во Луна Стар Кафе. Во јуни таа имала самостојна изложба во Македонската амбасада во Вашингтон и дала интервју за Гласот на Америка.

Во 2012 година, Гапковска имала самостојна изложба во светски познатиот паб Черчил во Литл Хаити, Мајами, каде што подоцна добила нарачка да наслика три големи мурали за таванот. Нејзин цртеж учествувал на ОСТЕН Биенале на цртеж Скопје истата година.

Во септември 2014, Гапковска била една од шесте меѓународни победници на престижната ОСТЕН Плакета (во конкуренција на 1.416 дела од 475 уметници од 53 земји). Во ноември 2014 година, Гапковска била назначена за културен аташе при Почесниот конзулат на Република Македонија за Јужна Флорида.

Гапковска, во 2015 година, исто така била избрана да учествува на 18-тото Меѓународно биенале на графика во Варна, Бугарија, а во јули истата година учествувала на групна изложба во КИЦ во Скопје.

Во 2016 година, Гапковска учествувала на групна изложба во Libraria e Çarshisë (Библиотека на чаршијата) во Скопје. Во јули истата година, Гапковска со портфолио на ограничено издание од 10 графики била претставена на самостојна изложба во галеријата ОСТЕН. Во декември истата година, нејзиното дело било објавено во каталогот на ОСТЕН Биенале на цртеж Скопје 2016 и било изложено во групна изложба во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија.

Во јуни 2016 Гапковска учествувала во групна изложба во МКЦ - Младински културен центар во Скопје.

Таа имала и самостојна изложба "Венера во Венеција: Секвенци на женската илузија" во ARCHIVI DELLA MISERICORDIA во Венеција, Италија, а поставката траела две недели во текот на Венециското биенале во јули 2017та.

Гапковска ја претставувала Република Македонија на конференции во Швајцарија, Полска, Азербејџан, Франција, Холандија и САД. Нејзините слики се дел од колекциите при Министерството за финансии на Република Македонија во Скопје, Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон, Универзитетот Сент Томас во Мајами, Флорида, а и се наоѓаат во неколку цркви во Македонија и многу приватни колекции низ целиот свет.

Таа формира во моментов второ НВО Арт Студио во Перпињан (Perpignan), Франција, додека нејзиното првобитно НВО Арт Студио во Скопје, со помош на нејзиниот асистент Ана Трајковска - продолжува со својата работа.

Posted in: News

Dec 6, 2017 18:41