Ирена Гапковска, на Љупчо Маленков



Уметноста што ја создава ликовната уметница Ирена Гапковска, претставува културно однегувана уметност.

Во мистеријата на творечкиот чин, Ирена ја сместила својата личност, својот карактер, погледите и размислите за светот. Преку една сложена фантазија, асимилираните предизвици од тој свет длабоко во нејзината душа, промислено ги бележи како ликовни записи.

Ирена е уметница со естетска амбиција. Преку цртежот, композицијата, соодносите на боените површини, се создаваат сензитивни дела, дела полни со драматика на доживеаното, со емоционални трепети кои сведочат за вербата и моќта на сликарскиот јазик. Еден магичен реализам со нагласки на деструкција. Опомена, фантастичен
набој со визуелна сугестија. Визии, форми и волумени, хомогени целини со инвенција нијансирани, постигнувајки така ликовна креација.

Нејзината уметност е осаменичка насоченост кон проверување на причините, но и на начинот на кој се изразуваат личните внатрешни вознемири. Исклучително интересен начин на соочување со минатото, со културата на тие времиња, откривајки ја така нејзината интуиција и непредвидливост.

Сценарија и симболизации за женската еротика, но и иронична чудност на светот. Од делата зрачи моќ од претставата (драма), при што емоцијата е силата што обединува но и ништи. Значи , наративни сценографии како резултат на нејзините визии и сништа, во атмосфера на скриени сеќавања.

Филозовско-поетски доживеани и создадени делата на ликовната уметница Ирена Гапковска, се пораки од етичка и антрополошка природа. Нејзината магична специфичност овозможува нејзините ликовни игри да станат уметнички дела, полни со силината на животот на природата, на нејзиниот темперамент и сликарско умеење.

Љупчо Маленков

Posted in: News

Dec 6, 2017 18:01